Тошковски во Вашингтон: Македонија е препознаена како доверлив и оперативен безбедносен партнер на САД

За време на посетата, Тошковски оствари повеќе средби со високи претставници на американските безбедносни институции, меѓу кои со Николас Колура, заменик-помошник државен секретар и директор на Дипломатскиот безбедносен сервис (Diplomatic Security Service -DSS), со Кристофер Г. Раја, заменик-директор на ФБИ, со Грегори Дукот, директор на ICITAP, како и со Дејвид М. Бедард, заменик-помошник државен секретар од Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот.

На средбите, како што соопшти МВР, било констатирано дека Македонија е препознаена како доверлив и оперативен безбедносен партнер на Соединетите Американски Држави, со кој соработката се продлабочува во конкретни области од заеднички интерес.

„Овие средби испраќаат јасна порака дека Македонија е препознаена како доверлив партнер на САД, со кој се гради продлабочена и конкретна соработка во клучните безбедносни области“, истакна министерот Тошковски.

Фокусот на разговорите бил ставен на борбата против трговијата со луѓе, нелегалната трговија со дрога, транснационалниот организиран криминал, зајакнувањето на граничната безбедност, како и справувањето со тероризмот.

Посебно била нагласена континуираната поддршка преку програмата ICITAP за Министерството за внатрешни работи, особено во делот на јакнење на институционалните капацитети, обуките и модернизацијата, вклучително и унапредување на работата на полициската академија.

„Поддршката од нашите американски партнери, особено преку ICITAP, има клучна улога во модернизацијата на полицијата и зајакнувањето на нашите капацитети за справување со современите безбедносни предизвици“, нагласи Тошковски.

Посетата, како што се наведува во соопштението, уште еднаш ја потврдува стратешката определба за продлабочување на партнерството со Соединетите Американски Држави и за заедничко справување со безбедносните предизвици, при што во наредниот период се очекува дополнително интензивирање и зајакнување на соработката на сите клучни полиња.

 

INFO