Во духот на Светскиот ден на книгата и авторското право, деновиве НУ Библиотека „Григор Прличев“ подготвува низа настани кои ја слават љубовта кон читањето, творештвото и заедништвото на читателската публика.
Свечената програма започнува денес, во четврток во 12 часот, во Прличевата одаја, каде библиотеката ќе им оддаде признание на своите најверни читатели. Благодарници ќе добијат најмладите и највозрасните читатели, како и најактивните корисници од детскиот и одделот за возрасни. Во рамки на настанот ќе биде изразена и благодарност до околу четириесет донатори на книги, кои со својата поддршка придонесуваат за збогатување на библиотечниот фонд.
Свеченоста ќе има и поширок културен карактер: ќе бидат прочитани пораките по повод празникот на книгата, како од светската така и од македонската читателска и културна сцена. Настанот ќе биде заокружен со промоција на нов пропаганден флаер со наслов „Библиотекар – професија која ве носи во светот на фантазијата“, како и нов бележник кој содржи QR-кодови за пристап до официјалните дигитални канали на библиотеката, вклучувајќи ги Фејсбук и Инстаграм страниците, веб-страницата, но и информации за правилата и придобивките од членството.
Прославата продолжува и утре во 18 часот во Охрид мол, каде библиотеката ќе организира нова серија активности. Таму ќе бидат доделени наградите од манифестацијата „Напиши стих – купи кафе“, чиј спонзор е „Офис Плус“. Во продолжение на програмата е предвидена промоција на детскиот роман „Зима во продавницата за чудни миленичиња“ од авторката Елена Обухова, како и креативна работилница инспирирана од книгата, организирана во соработка меѓу Охрид мол, библиотеката и авторката, со поддршка од Почесниот конзулат на Руската Федерација во Охрид.
Манифестацијата ќе добие свој завршен акцент во петок, кога библиотеката ќе учествува на Саемот на книгата во „Јахја Кемал“ во Струга, уште еднаш ставајќи ја книгата во центарот на вниманието.
Светскиот ден на книгата се одбележува на 23 април, датум кој УНЕСКО го избрал во 1995 година како симбол на книжевното наследство, ден на кој се поврзуваат спомените за Мигел де Сервантес и Вилијам Шекспир, двајца великани чиј животен крај исто така се поврзува со овој датум.
…