Ден на македонската полиција: МВР го одбележува денот со свечености

Денес во Македонија се одбележува 7 Мај: Денот на македонската полиција, празник посветен на припадниците на Министерството за внатрешни работи и нивната улога во одржувањето на јавната безбедност.

Во Скопје е закажана централна свеченост во просториите на МВР по тој повод, каде обраќања ќе имаат министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев. На настанот се очекува присуство на високи државни функционери, претставници на институции, како и членови на дипломатскиот кор.

Програмата продолжува и во текот на попладнето, кога граѓаните ќе можат одблиску да се запознаат со полициската опрема и возилата на специјалните и редовните единици. На паркингот пред Градското собрание од 17:30 часот е најавена изложба на дел од техничките ресурси со кои располага полицијата, како и можност за директна комуникација со службениците.

Вечерниот дел од одбележувањето ќе се одржи во Градскиот парк, на просторот „Школка“, каде од 18:00 часот е планирана музичко-забавна програма со настапи на повеќе познати изведувачи.

Датумот 7 Мај е официјално утврден како Ден на македонската полиција со владина одлука донесена во 1993 година, со која е заменет претходниот датум на одбележување.

Историски, изборот на овој ден се поврзува со Смилевскиот конгрес од 1903 година, кој се одржал во селото Смилево во периодот од 2 до 7 мај. Таму биле поставени темелите на организираното обезбедување и координација во тогашните револуционерни услови, како подготовка за Илинденското востание. Во таа структура учествувале локални жители кои воспоставиле систем на набљудување и известување меѓу населените места, познат како рана форма на организирана безбедносна мрежа.

INFO MAK