Димитриеска-Кочоска од Братислава: Словачките искуства значајни за реформите, дигитализацијата и борбата против сивата економија

7 мај 2026 година, Братислава – Дигитализацијата на даночните процеси, унапредувањето на управувањето со јавните финансии, анализата на јавните трошоци и продлабочувањето на економската соработка беа теми на разговор на работниот состанок меѓу делегациите на Македонија и Словачка, предводени од министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и министерот за финансии Ладислав Каменицки, што се одржа денеска во рамки на официјалната посета на министерката на Словачка.

На работната средба на двете делегации се разговараше за тековните макроекономски и фискални состојби, анализата на јавните трошоци и управувањето и евалуацијата на јавните инвестиции, како и за дигиталните алатки во даночниот систем, меѓу кои е-фактура, е-фискализацијата и QR плаќањата.

„Дозволете ми најнапред да изразам задоволство од денешната средба со мојот колега, министерот за финансии на Словачка, Ладислав Каменицки, како и благодарност за укажаното гостопримство и конструктивниот пристап во разговорите, што претставува уште една потврда за континуираниот и квалитетен дијалог меѓу двете земји и за нашата заедничка посветеност кон продлабочување на економската соработка“, изјави министерката Димитриеска-Кочоска на заедничката прес-конференција.

Таа посочи дека искуствата на Словачка во делот на дигитализацијата на даночните процеси претставуваат значаен пример за тоа како преку технологија може да се зголеми ефикасноста, транспарентноста и борбата против сивата економија и даночното затајување.

Како дел од разговорите беше отворенна и темата за процесот на Анализа на трошоците (Spending Review), кој согласно Реформската агенда 2024–2027 во Македонија ќе започне во текот на 2026 година и претставува важен чекор кон поефикасно и потранспарентно управување со јавните финансии.

„Македонија веќе е во фаза на воведување на системот за е-фактура, при што до крајот на годината очекуваме негова целосна имплементација“, истакна министерката.

INFO MAK