Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и нивните купувачи испратиле повеќе танкери со сурова нафта низ Ормутскиот теснец, откако ги исклучиле системите за следење на локацијата за да избегнат можни ирански напади, со цел да ја извлечат нафтата што останала „заглавена“ во Заливот поради конфликтот на Блискиот Исток, покажуваат податоци од индустриски извори и следење на бродови, пренесува Ројтерс.
Иако станува збор за количини значително помали од вообичаениот извоз на ОАЕ пред конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, потегот покажува дека производителот и купувачите се подготвени да преземат поголем ризик за да го одржат извозот на нафта. Другите производители од Заливот, Ирак, Кувајт и Катар, или целосно ги запреле продажбите, или значително ги намалиле цените за да привлечат купувачи, додека Саудиска Арабија испорачува само преку Црвеното Море.
Во април, државната нафтена компанија на Абу Даби (ADNOC) успеала да извезе најмалку 4 милиони барели нафта „Upper Zakum“ и 2 милиони барели „Das crude“ преку четири танкери од терминали во Заливот, покажуваат податоци од неколку извори и сателитска анализа. АДНОК одбила да ги коментира испораките.
Испораките биле реализирани преку трансфер од брод на брод, складирање во Оман или директно доставување до рафинерии во Јужна Кореја, додека дел од нафтата завршила и во Југоисточна Азија. Ројтерс првпат известува за овој начин на извоз.
Според податоците, извозот на АДНОК е намален за повеќе од 1 милион барели дневно од почетокот на конфликтот, во споредба со 3,1 милион барели дневно минатата година. Поголемиот дел од извозот оди преку нафтовод кон Фуџејра.
Во исто време, испораките се одвиваат со исклучени системи за автоматско следење на локацијата, што го отежнува нивното следење, а таквата практика често се користи и за заобиколување санкции.
Еден дел од нафтата бил продаден со рекордна премија од 20 долари по барел над официјалната цена, а други танкери завршиле во Оман или директно во азиски рафинерии.
И покрај ризиците, ОАЕ планираат да продолжат со вакви испораки и во наредниот период, вклучително и преку трансфери надвор од Заливот, додека се водат преговори со азиски рафинерии за нови договори за извоз.
Извор: Ројтерс