Во претпоследното 32. коло од Првата македонска фудбалска лига, битолски Пелистер ќе му гостува на Тиквеш.
Со оглед на тоа што „зелено-белите“ се во грчевита борба за опстанок, предноста од 6 бода во однос на директните ривали Македонија ЃП и Работнички во моментов само наговестуваат дека битолчаните нема да бидат меѓу трите екипи што директно ќе патуваат во Втора лига, туку ќе играат бараж со второпласираниот или третопласираниот тим. Дефинитивниот расплет ќе се знае откако ќе се изиграат последните две кола.
“Секој има свои математики, затоа наше е да си ја гледаме нашата работа, односно да не се занимаваме со калкулациите. Пелистер е искусен клуб и така мора да се однесува, пристапувајќи кон секој натпревар со максимален респект кон противникот и играчка дисциплина на теренот. Пред нас е тежок противник и нивната позиција на табелата доволно кажува, но сепак ќе додадам дека имаат извонредно квалитетен напаѓачки ред, мошне добро физички подготвени играчи, неколку интернационалци и неколку искусни фудбалери кои изградиле име во македонското првенство. Оттука, нивните резултати не се никакво изненадување. Наша цел е опстанок во лигата и се додека имаме шанси тоа да го постигнеме, ќе барам од играчите да дадат сѐ од себе на теренот. Како и секогаш, дисциплината во играта ја сметам за клучен фактор”, вели Марјан Секуловски, шеф на стручниот штаб на Пелистер.