Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска упати повик до економскиот тим на опозицијата за заедничка средба во Министерството за финансии, со цел, како што истакна, „да се објаснат фактите и реалната состојба во економијата“.
Таа оцени дека во јавноста се пласираат, како што рече, „хистерични прес-конференции полни со невистини и погрешни толкувања“, нагласувајќи дека економијата не се води со паника, туку со бројки.
Димитриеска-Кочоска посочи дека во периодот од 2017 до 2024 година просечниот раст на БДП бил околу 1,8%, додека јавниот долг речиси се удвоил – од 4,78 милијарди евра во 2017 година на околу 9 милијарди евра во 2024 година.
Според неа, во тој период државата била оставена со „празна каса, зголемен долг и нарушена доверба“, додека денес економијата бележи стабилен раст од околу 3 до 3,5%, раст на платите близу 10%, зголемување на вработеноста и високо ниво на капитални инвестиции.
Министерката истакна дека Министерството за финансии спроведува внимателна и одговорна политика за управување со јавниот долг, без импровизации и со јасна стратегија базирана на пазарни услови и рокови на достасување.
Таа нагласи дека државата во моментов паралелно се соочува со сервисирање на стари долгови и финансирање на тековниот развој, при што само во последниот период се обезбедени над 1,2 милијарди евра за отплата на обврски од претходни задолжувања.