Финансиското друштво за брзи кредити „Креди Јес“ е компанијата на која Министерството за финансии ѝ ја одзеде дозволата за работа по утврдени сериозни неправилности во работењето, објави „Фактор“.
Станува збор за едно од поголемите финансиски друштва на македонскиот пазар, кое зад себе има сопственичка структура поврзана со инвеститори од Бугарија. По одлуката за одземање на лиценцата, компанијата започнува со затворање на околу 40 филијали низ државата.
Според информациите, околу 120 вработени веќе добиле известување дека работењето на друштвото е прекинато, што отвора прашања и за нивниот понатамошен работен статус.
И покрај одземањето на лиценцата, компанијата ќе може да продолжи со ограничени активности поврзани со наплата на постојните побарувања кон клиентите, но нема да може да издава нови кредити или да врши финансиски активности за кои е потребна лиценца.
„Креди Јес“ започна со работа во Македонија во 2019 година и во изминатите неколку години стана еден од позначајните играчи на пазарот за брзи кредити. Според достапните финансиски податоци, компанијата во текот на минатата година остварила приходи од околу четири милиони евра, при што прикажала добивка од околу 1,15 милиони евра.
Министерството за финансии претходно соопшти дека дозволата за работа е одземена по спроведен вонреден надзор инициран по пријава од граѓанин. При контролата биле утврдени сериозни прекршувања на законските обврски, постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците и практики со кои, според Министерството, директно биле доведени во ризик граѓаните – корисници на финансиски услуги.
Сепак, од институцијата засега не се соопштени конкретните прекршоци и детали за утврдените неправилности.
Министерството за финансии претходно најави дека и во текот на 2026 година продолжуваат засилените контроли врз финансиските друштва, како и подготовка на законски измени кои треба дополнително да ги заострат критериумите и условите за работа во оваа област.
Целта на најавените измени, според надлежните, е поголема заштита на потрошувачите, намалување на ризикот од прекумерно задолжување и поголема транспарентност во работењето на финансиските друштва.