Повреден планинар бил успешно спасен при денешна спасувачка акција на планината Кораб, откако преку Единствениот број за итни повици 112 била примена пријава за лице на кое му е потребна итна помош.
По добивањето на информацијата, Центарот за управување со кризи преку Регионалниот центар за управување со кризи – Тетово веднаш започнал координација со надлежните институции, со цел брза и навремена реакција на терен.
Во акцијата биле вклучени екипи од СВР Тетово, Полициската станица Маврово, како и претставници од Јавното претпријатие Национален парк Маврово.
По започнатата теренска акција, ренџерите од Националниот парк Маврово успеале да го лоцираат повредениот планинар, кој според првичните информации бил во стабилна здравствена состојба.
По пронаоѓањето започнала внимателна и безбедна евакуација од планинскиот терен, при што планинарот бил спуштен до селото Жужње.
Таму бил преземен од екипа на Итната медицинска помош од Гостивар, која обезбедила понатамошен транспорт и медицински третман.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека благодарение на навремената реакција, брзата координација и соработката меѓу сите вклучени служби, спасувачката акција завршила успешно.
„Благодарение на брзата реакција и навремената координација на сите надлежни служби, повредениот планинар е безбедно евакуиран и во стабилна состојба“, соопштија од ЦУК.
Акцијата уште еднаш ја потврдува важноста на брзата комуникација и координираната работа на институциите во ситуации кога е неопходна итна интервенција на тешко пристапни планински терени.