„Нашите одлуки ја одредуваат нашата иднина. Ако се држиме цврсто и обединето, без оглед на тоа кој е на другата страна, ќе останеме цврсти, а споделената мака е помала мака. Токму тоа јадро било разнишувано и удирано во историската судбина на Македонија. Македонија се соочува со сериозна и неправедна блокада во нејзините интеграции. И можам да ги разберам, иако не ги оправдувам, позициите на Бугарија“, рече Мицкоски во своето обраќање.
„И да кажам дека нема пари, нема моќ и нема причина поради која би го предал мојот народ или би направил нешто, било што, на негова штета“, рече Мицкоски.
Тој уште еднаш повика на народно и интелектуално обединување порачувајќи дека мора да се бориме за она во што веруваме и концептот на обединување да се постигне на здрава основа. Направив сè за да подадам рака кон опозицијата, да се обединиме. Тие секоја шанса ја испуштија и нема постојано да чекаме тие да се одоброволат за да делуваме заедно за националните интереси“, истакна Мицкоски.
„Тоа што некои се лидери на политички партии во опозицијата и ја имаат таа улога, не значи и дека се лидери на својот народ. Одбивајќи да се обединиме за националните прашања, тие се осудени на пропаст, стануваат маргинални служители на туѓите интереси. Затоа вистинското обединување е народното. Затоа да се обединиме сите интелектуални кругови и да си подадеме рака. Ова е последната шанса за Македонија. Мораме да ја искористиме“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека ќе разговара со секој, „ќе го мотивира секој кој сака да помогне и да се вклучи во процесот на Македонија која забрзува и оди напред“.
Мицкоски истакна дека не може да ги разбере и оправда домашните политичари кои делуваат како специјални пратеници на премиерот на соседната држава.

„Не можам да ги разберам, ниту оправдам, домашните политичари кои делуваат како специјални пратеници на премиерот на соседната држава. Тоа што тој го зборува, тоа го зборуваат и домашните политичари и нивни претставници. Поразително. Тоа нè поразува и како нација. Имаме отсуство кај дел од луѓето на чувство за припадност кон својот народ и подготвеност со гордост да го носат она што јас го велам – мекото ткиво на македонскиот народ. И колку ние сме поголема брана на предизвиците, тие се поагресивни“, нагласи премиерот Мицкоски.