Николоски: Во Новаци се реализира инвестициски циклус од 1,2 милиони евра, веќе се градат првите две фабрики

Општина Новаци влегува во нов развоен циклус вреден околу 1,2 милиони евра, кој опфаќа изградба на индустриска зона, нова патна инфраструктура и дополнителни капитални инвестиции насочени кон економски развој и отворање нови работни места.
Ова денеска го истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски при посетата на општината, нагласувајќи дека проектите се реализираат со поддршка од Владата, буџетот на Општина Новаци и програмите на Светска банка.
Според Николоски, во индустриската зона се инвестираат околу 40 милиони денари со владина поддршка, а дополнителни средства обезбедува и локалната самоуправа. Целта е создавање современа бизнис-зона која ќе привлече нови инвестиции и ќе обезбеди работни места не само за жителите на Новаци, туку и за поширокиот пелагониски регион.
Тој нагласи дека инфраструктурата околу индустриската зона веќе е завршена, а во моментов се работи на изградба на внатрешната инфраструктура. Воедно, информираше дека веќе започнала изградбата на првите две фабрики од лесната незагадувачка индустрија.
„Сите парцели се продадени, а најавени се и нови инвестиции кои ќе се реализираат во следниот период“, изјави Николоски.
Покрај индустриската зона, во Новаци се реализира и посебен инфраструктурен проект со поддршка од Светска банка, преку кој се инвестираат дополнителни 520.000 евра за реконструкција и изградба на улици низ општината.
Министерот најави дека до крајот на годината Владата ќе поддржи уште еден до два нови проекти кои веќе се подготвени од локалната самоуправа, а кои ќе бидат финансирани надвор од редовните општински средства.
Тој посочи дека заедно со изградбата на автопатот Прилеп-Битола, на кој интензивно се работи, овие инвестиции ќе придонесат за целосно економско заживување на Општина Новаци и создавање подобри услови за живот и работа на граѓаните.
Николоски порача дека Владата ќе продолжи да ја поддржува општината во реализацијата на проекти кои носат развој, нови инвестиции и отворање работни места.

INFO MAK