Скопје, 1 јуни 2026 – Усвојувањето на стратешките документи во енергетиката и напредокот во процесот на правична транзиција претставуваат значаен чекор за Северна Македонија на патот кон членство во Европската Унија, оцени евроамбасадорот Михалис Рокас на отворањето на Регионалниот форум за клима, енергетска транзиција и одржлив развој во Западен Балкан – МЕФ 2026.
Рокас упати честитки до земјата за постигнатиот напредок во енергетскиот сектор, нагласувајќи дека Европската Унија е силно фокусирана на спроведувањето на енергетските планови и исполнувањето на поставените цели.
„Сакам да ѝ честитам на Северна Македонија за усвојувањето на стратегијата и плановите за енергетика, како и за напредокот што го постигна во областа на правичната транзиција. Овие напори се особено важни бидејќи многу од реформите веќе стануваат применливи преку рамката на Енергетската заедница и ќе имаат значајно влијание врз процесот на пристапување кон Европската Унија“, истакна Рокас.
Тој нагласи дека меѓу приоритетите остануваат усвојувањето на законодавството за обновливи извори на енергија и зајакнувањето на механизмите за заштита на ранливите категории граѓани.
Осврнувајќи се на актуелните предизвици, Рокас потенцираше дека енергетската безбедност и климатската транзиција се неразделно поврзани прашања.
„Нема сомнеж дека на енергетските предизвици со кои се соочуваат регионот и Европа мора да одговориме одлучно. Климатската транзиција и енергетиката се тесно поврзани, особено имајќи ги предвид ограничените енергетски ресурси со кои располага Европа“, рече тој.