Божиновска за МТВ : Интерконекторите со Грција и Србија ќе ја позиционираат Македонија како регионален енергетски коридор

Изградбата на гасните интерконектори со Грција и Србија се одвива според планираната динамика, а Македонија во следните години има потенцијал да стане важна транзитна точка за снабдување со природен гас во регионот, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во интервју за МТВ.

Таа потсети дека по преземањето на функцијата затекнала поништен тендер за интерконекторот со Грција, по што Владата повторно ги отворила разговорите со финансиските институции и спровела нова тендерска постапка.

„Добивме понуда која е за 12 милиони евра пониска од претходната, што значи дека тие средства ќе можат да се пренаменат за реализација на други енергетски проекти. Тендерот го доби македонска компанија, а рокот за завршување на интерконекторот е вториот квартал од 2027 година“, изјави Божиновска.

Според неа, интерконекторот е со должина од 67 километри, при што околу 90 проценти од експропријацијата на земјиштето е веќе завршена. Досега се поставени и околу 25 проценти од цевките, а 10 проценти се веќе заварени.

„Станува збор за современа инфраструктура која е подготвена и за транспорт на водород. Тоа значи дека уште денес се подготвуваме за енергетските потреби на иднината“, нагласи министерката.

Божиновска истакна дека интерконекторот со Грција има стратешко значење бидејќи Македонија во моментов располага со само една гасна врска, преку Бугарија, чии капацитети се долгорочно резервирани.

INFO MAK