Што ќе донесе новиот Закон за оружје – следува јавна расправа

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска го оцени како прифатлив Предлог-законот за оружјето, поднесен со европско знаменце, и го проследи во понатамошна собраниска процедура. Истовремено, членовите на Комисијата одлучија за законското решение да се организира и широка јавна расправа, со цел во процесот дополнително да биде вклучена стручната јавност.

Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски, образложувајќи го предлогот, истакна дека новиот закон е изработен во согласност со европските стандарди и дека добил позитивно мислење од Брисел.

Според него, законското решение ги зема предвид препораките и наодите на Европската комисија, вклучително и четири регулативи, од кои две се директиви на Европската комисија. Петрушевски нагласи дека донесувањето на новиот закон е неопходно за надминување на недореченостите и практичните проблеми што се појавувале при примената на постојниот закон.

Тој посочи дека во подготовката на текстот биле вклучени повеќе релевантни чинители, меѓу кои Комората за приватно обезбедување, Групацијата за оружје при Стопанската комора на Македонија, Ловечката и Стрелашката федерација, како и претставници на граѓанскиот сектор и невладините организации кои работат во оваа област.

Предлог-законот сега продолжува во следната фаза од законодавната постапка, а јавната расправа треба да овозможи дополнителни сугестии и мислења пред неговото конечно усвојување.

INFO MAK