Почина уште еден обвинет во случајот за трагедијата во Кочани

Уште едно лице опфатено со обвинението за трагедијата во Кочани почина, дознава ТВ21. Станува збор за Љупчо Грнчиштанов, кој имаше 54 години и беше меѓу обвинетите во предметот поврзан со несреќата.

Грнчиштанов во периодот од 15 јануари 2013 година до 16 март 2025 година ја извршувал функцијата генерален инспектор, односно раководител на Инспекциската служба во Дирекцијата за заштита и спасување.

Во рамки на предметот за трагедијата во Кочани, тој беше обвинет за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.

Според достапните информации, Грнчиштанов поминал 77 дена во ефективен притвор, по што речиси 14 месеци бил во куќен притвор.

Обвинението за случајот беше оформено во периодот кога со Јавното обвинителство раководеше поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој во меѓувреме поднесе оставка.

На судските рочишта обвинението го застапуваат обвинителите Борче Јанев, Дарко Јакимовски и уште 13 јавни обвинители.

Случајот за трагедијата во Кочани и понатаму е предмет на големо внимание во јавноста, при што се отвораат прашања поврзани со правната квалификација на обвинението и одговорноста на обвинетите лица.

INFO MAK