Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, заедно со НОМАГАС и грчкиот оператор на гасниот преносен систем ДЕСФА (DESFA), ги усогласија следните чекори за реализација на гасоводниот интерконектор меѓу Македонија и Грција – еден од најзначајните енергетски инфраструктурни проекти за државата и регионот.
На работните средби одржани во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, на кои присуствуваа министерката Сања Божиновска, извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, и главната извршна директорка на ДЕСФА, Марија Сферуца, беа разгледани тековните активности за изградба на интерконекторот на двете страни од границата, како и динамиката за реализација на договорните обврски.
Во фокусот на разговорите беше потврдената заедничка определба проектот да се реализира во согласност со утврдените рокови, преку интензивна координација меѓу институциите и операторите, со цел да се обезбеди нов, сигурен и диверзифициран пристап до природен гас за Македонија
На средбите беше потврдена заедничката оценка дека гасоводниот интерконектор ќе биде завршен во текот на наредната година, во согласност со утврдените рокови и планови за реализација.
На средбата меѓу министерката Божиновска и главната извршна директорка на ДЕСФА, посебен акцент беше ставен и на регионалната иницијатива „Вертикален гасен коридор“, која претставува значајна можност за унапредување на енергетската поврзаност, зајакнување на сигурноста во снабдувањето и интеграција на националните пазари во пошироките европски енергетски текови.
„Гасоводниот интерконектор со Грција е стратешки проект кој директно ја зајакнува енергетската безбедност на државата и отвора нови можности за диверзификација на снабдувањето. Нашата цел е Македонија да обезбеди стабилен пристап до различни извори и правци на енергија, а ваквите инфраструктурни поврзувања се клучни за поголема независност, конкурентност и отпорност на енергетскиот систем“, истакна министерката Сања Божиновска.