Саудиска Арабија ги нападна Хутите, САД нападнаа танкер во Ормутскиот теснец

Саудиска Арабија започна воздушни напади врз Хутите во близина на јеменското пристаниште Ходеида во петокот, откако групата поддржана од Иран објави поморска блокада и нападна саудиски бродови, објави Би-Би-Си.

Саудиските власти подоцна издадоа вонредни предупредувања за покраината Џизан, откако Хутите ја презедоа одговорноста за ракетен напад врз градот Џизан.

Рано во саботата, медиумите на Хутите, Ансаролах, објавија на Телеграм дека „јеменски ракетен напад“ предизвикал пожари во саудискиот град Џизан.

Во меѓувреме, во Ормутскиот теснец, американската војска во петокот соопшти дека отворила оган врз и оштетила танкер во Оманскиот Залив, кој се обидувал да ја избегне американската блокада врз иранските пристаништа.

Бродот нападнат од САД е вториот комерцијален брод што САД го онеспособија откако повторно ја воведоа блокадата претходно овој месец.

„Го онеспособивме танкерот откако екипажот се обиде да ја пробие блокадата најмалку четири пати претходно“, изјави за АФП капетанот на морнарицата Тим Хокинс, портпарол на Централната команда на САД.

„Екипажот беше постојано предупредуван, не се придржуваше, а американските сили на лице место го онеспособија бродот откако отворија оган во неговата машинска просторија. Бродот повеќе не транзитира кон Иран.“ изјави тој.

Претходно, делегација од Оман пристигна во главниот град на Иран, Техеран, на разговори за Ормутскиот теснец, објави иранската државна новинска агенција ИРНА. Оман го контролира јужниот брег на теснецот.

САД и Иран разменуваат оган речиси две недели, а Иран во петокот соопшти дека извршил напади со беспилотни летала врз американски воени објекти и бази низ Блискиот Исток како одмазда за 13-тата ноќ по ред американски напади врз земјата.

Зборувајќи со новинарите во Белата куќа во петокот попладне, Трамп продолжи да се заканува со понатамошни напади, велејќи дека преговорите продолжуваат.

„Разговараме со нив. Мислам дека се сериозни. Мислам… дека се убедливо најсериозните што сме ги виделе, но тоа не значи дека ќе стигнеме до таму“, рече тој.

INFO MAK