По повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката и големиот христијански празник Свети Илија, градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, упати честитка до граѓаните, посакувајќи им здравје, мир и благосостојба.
Проданоски во честитката порача дека Илинден претставува најсветол симбол на македонската борба за слобода, правда и државност, потсетувајќи на двата историски темели на македонската држава – Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година.
„Храброста, пожртвуваноста и непоколебливата верба на илинденците и на борците од Народноослободителната борба се аманет што нè обврзува да ја чуваме, развиваме и зајакнуваме нашата татковина“, порача Проданоски.
Тој нагласи дека денешната генерација има обврска да гради силна, развиена и просперитетна држава, како и општини во кои младите ќе ја гледаат својата иднина, а граѓаните ќе имаат можност за поквалитетен живот.
„Само сплотени можеме да ги надминеме сите предизвици и да создадеме иднина со која ќе се гордеат генерациите што доаѓаат“, истакна градоначалникот на Прилеп.
Проданоски ја заврши честитката со порака: „Нека е вечна Република Македонија!“