Уапсена жената позната како „газдарицата“ на Камени кукли: Осомничена дека нападнала повеќе посетители

Стојна Димитровска Бут (41) од Кратово е приведена поради сомнение дека физички нападнала повеќе лица кои го посетувале археолошкиот локалитет „Камени кукли“ во селото Куклица.
Од СВР Куманово информираа дека полициски службеници од ОВР Кратово вчера околу 19:30 часот ја лишиле од слобода, постапувајќи по претходно поднесена пријава. Според информациите, инцидентот се случил на 2 август околу 18:00 часот, кога таа наводно физички нападнала неколку посетители на локалитетот.
По насоки на надлежен јавен обвинител, Димитровска Бут била задржана во полициска станица, а против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.
Ова не е прв инцидент поврзан со неа. Во изминатиот период таа беше предмет на повеќе пријави поради наводно попречување на туристи и незаконска наплата за влез на локалитетот, и покрај судската забрана да престојува и да врши каква било дејност на оваа јавна археолошка знаменитост.
Според сведоштва на посетители, од дел од туристите, особено од странски државјани, биле барани суми и до 20 евра за влез, при што им било кажувано дека локалитетот е приватна сопственост. Дел од посетителите претходно пријавувале и навреди, закани и несоодветен однос.
Во меѓувреме, на 16 јули беше приведен и нејзиниот 41-годишен сопруг, британски државјанин, кој е осомничен дека со камења нападнал даночни инспектори од Управата за јавни приходи за време на службена контрола на локалитетот. Против него е поведена постапка за кривичното дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“.
Претходно, судот донесе времена мерка со која Стојна Димитровска Бут и нејзиниот татко Милош Димитровски се задолжени да го напуштат локалитетот и да го предадат на управување на надлежните институции.

INFO MAK