Монографијата „Ана Липша-Тофовиќ“ од авторите м-р Снежана Анастасова Чадиковска и проф.д-р Александар Трајковски посветена на 100-годишнината од раѓањето на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ беше промовирана вчеравечер во рамки на фестивалот „Охридско лето“ кој одбележа 66 години од своето постоење, а започна токму на 4 август далечната 1961 година со солистички рецитал на оваа голема уметница, носител на алтовскиот и мецосопранскиот фах.
Обраќајќи се на промоцијата, директорот на фестивалот „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, истакна дека со оваа монографија, животот и делото на Ана Липша-Тофовиќ добиваат трајно сведоштво, а нејзиниот придонес кон македонската музичка култура и кон создавањето на „Охридско лето“ останува запишан за идните генерации. Тој упати и благодарност до авторите на монографијата за кои рече дека се докажани и реализирани музички публицисти, кои низ годините, секој на свој начин, соработувале со „Охридско лето“.
-Со нивниот посветен труд, денес пред македонската јавност го претставуваат својот ракопис, преточен во оваа луксузна, содржински богата и значајна монографија, посветена на животот и делото на една од најголемите македонски оперски уметници.Несомнено, името на Ана Липша-Тофовиќ е нераскинливо поврзано со „Охридско лето“. Нејзината восхитеност од Охрид, а особено од храмот „Света Софија“ – неговиот амбиент, духовната енергија и извонредната акустика – ја поттикнала идејата токму овде, да одржи целовечерен солистички рецитал. И токму од тој визионерски потфат започнува да се испишува приказната која денес, по 66 изданија, го сочинува богатиот и шаренолик мозаик на „Охридско лето“. Но, нејзиниот придонес не е само во тоа што го одржала првиот концерт. Благодарение на нејзината визија, македонската култура концертно го добива и акустичниот простор на „Света Софија“ – простор кој и денес е една од најпрепознатливите сцени на фестивалот, рече Цуцковски.
Промоторот на монографијата, Марко Коловски, еден од најеминентните македонски музиколози, рече дека со исчитувањето на последната страница од монографијата, читателот добива чувство дека се работи за капитално дело посветено на великан на македонската музичка култура.
-По читањето на поголемиот дел од оваа книга, она што го знаев, она што сум го слушнал од нејзините современици и колеги доби една уверлива потврда. Низ описот на животот и сето она што тој го носи. И како што големата Ана себеси се гледаше во служба на нејзиното височество музиката, значи без никакви знаци на себеистакнување, авторите успеале на неверојатно ненаметлив начин да дозволат низ фактите, низ описот на нејзиниот однос кон делата што ги изведувала-да овозможат нејзиниот лик да ја добие токму нејзината вистинска физиономија. На авторите Чадиковска и Трајковски треба да им се оддаде посебно признание за нивниот, овојпат истражувачки подвиг, бидејќи јас речиси и да не знам книга во која речиси секоја изведба, оперска или концертна е покриена со соодветна критика или исказ. И токму тоа им овозможило на авторите сопствените оценки, дури и кога доаѓаат од сведок на тие изведби, кажа музикологот Коловски.

Пригоден говор за значењето на Ана Липша-Тофовиќ имаше и проф. д-р Ганка Цветанова според која делото на оперската примадона треба да остане како силен поттик и обврска за денешните и идните генерации уметници – со истата посветеност да го негуваат, збогатуваат и афирмираат македонското музичко творештво.