Најновите податоци на Државниот завод за статистика се уште едно сериозно предупредување дека македонското рударство не смее повеќе да биде оставено на маргините на економскиот развој.
Додека вкупното индустриско производство во јуни 2026 година пораснало за 6,5% во однос на истиот месец лани, производството во секторот „Рударство и вадење камен“ бележи пад од 3,8%.
Од „И здравје и работа“ сметаат дека овие бројки треба да бидат повик за сериозно преиспитување на односот на институциите кон рударскиот сектор.
Македонија има минерални ресурси, има стручни кадри и има заинтересирани инвеститори. Она што недостига е навремено институционално дејствување и создавање услови инвестициите да се реализираат во согласност со законите и највисоките стандарди за заштита на животната средина.
Повеќе од четири децении во земјата не е реализирана голема инвестиција во металичното рударство, а постојните капацитети постепено се соочуваат со исцрпување на ресурсите. Во исто време, глобалната побарувачка за бакар расте, а цената на овој метал надмина 14.000 долари за тон, што дополнително ја зголемува стратешката и економската вредност на домашните ресурси.
Во такви услови, проектот за рудникот за бакар „Иловица–Штука“ претставува една од најзначајните инвестициони можности за македонската економија. Според податоците објавени во медиумите, почетната инвестиција се проценува на околу 340 милиони евра, со потенцијал за значаен придонес кон БДП и извозот.