Александар Вучиќ, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека на Зеленски му пренел дека го разбира неговиот ентузијазам што поскоро земјата да влезе во ЕУ, но дека смета дека брзото пристапување, барем за Србија, е малку реално поради, како што рече, „бројни политички причини“. Володимир Зеленски изјави дека го разбира скептицизмот на Вучиќ, но дека тие се во војна и дека разбираат каква Украина мора да биде во иднина, пренесува Н1.
„Не станува збор само за реалноста и ентузијазмот кога се избира насоката кон ЕУ. Го разбирам скептицизмот на Александар, кој ми го сподели вчера и тоа прилично детално. Украина нема време за скептицизам, ние сме во војна, ние сфаќаме и разбираме каква Украина мора да биде во иднина“, изјави Зеленски.
Како што додаде Зеленски, постои единство во ЕУ за многу прашања, не само во однос на војната, но и земјите членки имаат свои внатрешни прашања, како што се изборите.
„Постојат многу прашања што треба да се балансираат, за да можеме да го отвориме сето она што го сакаме. Убеден сум дека можеме да го направиме тоа“, рече тој, додавајќи дека им е потребна поголема поддршка за да се справат со финансиските проблеми.
Напредуваат преговорите за слободна трговија меѓу Украина и Србија
Зеленски изјави дека се благодарни што Србија ќе обезбеди нов пакет хуманитарна помош за Украина, особено во областите на здравството и енергетиката.
Тој истакна и дека напредуваат преговорите за договорот за слободна трговија меѓу Русија и Србија.
„Треба вредно да работиме за да постигнеме договор за слободна трговија. Преговорите напредуваат и тоа е позитивно. Би било добро сè да подготвиме до крајот на оваа година, за да можеме да го склучиме договорот за слободна трговија меѓу Украина и Србија“, рече тој.
Како што посочи Зеленски, ситуацијата во Украина не е едноставна и синоќа имало напад со балистички ракети и дронови.
„Вчеравечер и денес претседателот и јас разговаравме за билатералната соработка и за прашањата што можат да ја зајакнат нашата инфраструктура, железницата и безбедноста. Постојат конкретни развојни инфраструктурни проекти, како што се проектите за обнова во Украина, кои можеме заеднички да ги реализираме. Тоа би бил значаен придонес за зачувување на постојните и отворање нови работни места и во Украина и во Србија“, посочи Зеленски.
Како што додаде, разговарале и за предизвиците со кои се соочува Украина, како и за термоелектраните во земјата кои беа нападнати.
„Би сакал да му се заблагодарам на секој во Србија кој му посака добредојде на нашиот народ со внимание и грижа. Никогаш нема да ја заборавиме добрината кон Украинците“, рече тој.