Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан денеска, 9 август 2026 година, во Охрид ја прими Големата повелба на хуманизмот, признание што му беше доделено по повод 40-годишнината од неговото замонашување.
На свеченоста одржана во Куќата на МАНУ, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија порача дека суштината на хуманизмот е во помагањето на другиот и на народите, посочувајќи го како пример делото на Светите браќа Кирил и Методиј, како и на Светите Климент и Наум.
Заблагодарувајќи се за признанието, г.г. Стефан потсети дека се замонашил во 1986 година, токму на празникот на Свети Наум, а четири децении подоцна Големата повелба му е врачена на празник посветен на Свети Климент и Светите Седмочисленици.
„Никому ништо во живот не му се случува случајно. Да се замонашиш на Свети Наум, а признание да добиеш на Свети Климент и на празникот на Светите Седмочисленици, како што ги именуваме Светите браќа Методиј и Кирил, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, се личности директно основоположници, не само кај нас, туку и кај многу други народи, на хуманоста, а не на човекоубивањето“, рече архиепископот Стефан.
Тој нагласи дека делото на светителите ја претставува самата суштина на хуманизмот.
„Нивното дело, нивната активност е всушност хуманизмот, помагање на другиот, помагање на народите“, порача г.г. Стефан.
Осврнувајќи се на Светите Климент и Наум, архиепископот посочи дека иако дејствувале од двете страни на Охридското Езеро, биле постојано поврзани преку својата мисла, мисија и дела.
„Секогаш со особено почитување говорам и за Свети Наум, и за Свети Климент, каква идеја едниот на оваа, а другиот на онаа страна на езерото, но секогаш заедно и во мислата, и во делата, и додека биле на овој свет, но и потоа продолжиле да бидат хумани, да бидат хуманисти, човекољубиви, а пред сè, богољубиви“, рече тој.
Говорејќи за своите 40 години во монашкиот и архијерејскиот живот, г.г. Стефан потсети дека најпрво бил архијереј на Струмичката, односно Брегалничката епархија, а од 1999 година е Архиепископ на Македонската православна црква.
Тој изрази благодарност до верниот народ и членовите на Светиот архијерејски синод за постигнатото во изминатите години, особено истакнувајќи го обновувањето на автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и воспоставувањето односи со поголемиот дел од православните народи и цркви.
„Слава на Господа, и ги дочекавме, и ги доживеавме“, порача архиепископот.
Г.г. Стефан изрази надеж дека процесот на воспоставување односи ќе продолжи и со православните цркви со кои сè уште постојат отворени прашања во однос на името и историјата на Македонската православна црква.
„Да се надеваме дека ќе го разберат и нашето човекољубие, и нашиот хуманизам, дека ништо против другите не правиме правејќи за себе“, истакна архиепископот Стефан.
На крајот од своето обраќање тој повторно се заблагодари за доделеното признание и упати порака хуманизмот и понатаму да се негува преку заедничкиот придонес на сите.
„Јас уште еднаш ви благодарам за доделената повелба и да продолжи хуманизмот да живее со наша помош, со помош на сите нас“, порача Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.