Цените на струјата во регионот рушат рекорди: Сушата и горештините го притискаат енергетскиот систем

Берзанските цени на електричната енергија во регионот достигнуваат екстремно високи нивоа, под влијание на рекордните горештини, долготрајната суша, ниските водостои и зголемената потрошувачка на електрична енергија.

На 3 август, околу 20 часот, цената на струјата на берзата во Србија достигнала околу 550 евра за мегават-час. Уште повисоки цени биле регистрирани во Словенија, со околу 717 евра, и во Хрватска, со околу 650 евра за мегават-час.

Во Романија цената во истиот период изнесувала околу 535 евра за мегават-час, додека во Унгарија достигнала околу 510 евра.

Македонија и Бугарија, пак, имале значително пониски цени – околу 217, односно 290 евра за мегават-час.

Една од главните причини за притисокот врз енергетските системи е екстремната суша. Ниските водостои на Дунав и другите реки го намалуваат производниот потенцијал на хидроцентралите, но создаваат проблеми и за термоелектраните и нуклеарните централи кои користат речна вода за ладење.

Особено погодена е Романија. Поради нискиот водостој на Дунав, еден реактор во нуклеарната централа „Чернавода“ е исклучен, а постои ризик проблемот да се прошири и на вториот реактор. Нуклеарната централа обезбедува околу една петтина од електричната енергија во земјата.

INFO MAK