Како што соопшти Министерството за одбрана, министерот Мисајловски упати благодарност до сите вработени нагласувајќи дека нивниот труд, посветеноста и професионалноста што секојдневно ги покажуваат „ни овозможуваат да бидеме една од најорганизираните институции во државата“.
„За сите нас, за Македонија, успехот ќе ни биде загарантиран само ако продолжиме посветено да работиме, да продолжиме да функционираме како едно големо семејство кое го обединува заедничка цел: Македонија да продолжи да се развива и да изградиме подобра држава за следните поколенија“, истакна Мисајловски.
На вработените тој им порача дека ќе продолжат да бидат вреднувани затоа што тие се столбот на одбраната.
„Кон секој предизвик пристапувавме од исто стојалиште и иста перспектива – се поддржувавме во секој момент и за доброто на секој војник, подофицер, офицер и вработен во одбраната. Носиме одлуки што ќе нè направат посилни и токму затоа сакам да нагласам дека работиме и на повисоки плати и подобри услови за работа“. рече Мисајловски.
Началникот на Генералштабот, генералот Лафчиски, во обраќањето истакна дека 18 Август е „денот кога ја славиме воената професија, која се темели на чест, дисциплина, одговорност, лојалност, професионализам и патриотизам“.
„Тоа се вредностите по кои секојдневно се препознаваме – вредности што се во кодот на секој армиски припадник“, истакна генерал Лафчиски посочувајќи дека изминатата година беше година на значајни резултати и потврда дека Армијата продолжува да ги развива своите способности и да ги исполнува највисоките национални и НАТО-стандарди.
„Зад секој од овие резултати стои многу работа, соработка, координација, планирање, реализација и извршување“, истакна началникот на Генералштабот.
МО информира дека во рамките на свеченоста, делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот, предводена од министерот Мисајловски, и семејствата на загинатите бранители положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето на загинатите бранители пред зградата на Министерството, оддавајќи им почит за нивната храброст и пожртвуваност. Претходно, на градските гробишта во Бутел владина делегација предводена од министерот положи венци со свежо цвеќе на партизанските гробишта и на вечните почивалишта на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Глигоров и на генералот Михаило Апостолски.
„На свечениот собир на вработените од Министерството за одбрана и Генералштабот присуствуваа и заменик-министерот Адмир Шабани, заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар Елизабета Чуповска-Ристова, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, вработени во Министерството и Генералштабот и други гости. Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се реализира утре во Центарот за обука на вода – ‘Билјанини извори’ во Охрид“, соопшти Министерството за одбрана.