Хрватска ќе го воведе екоцидот како ново кривично дело во Кривичниот законик, а за најтешките случаи ќе бидат предвидени значително построги затворски казни, вклучително и можност за доживотен затвор.
Ова го соопшти министерот за правда, јавна администрација и дигитална трансформација Дамир Хабијан.
Воведувањето на екоцидот е дел од усогласувањето на хрватското законодавство со европската директива за заштита на животната средина.
За најтешките форми на еколошки криминал се предвидуваат значително построги санкции. Разгледувани биле затворски казни со минимална граница од пет до десет години.
„Со оглед на тоа што воведуваме и доживотен затвор, во случаите на екоцид ќе постои и можност за долгорочна или доживотна казна затвор“, изјави Хабијан.