Менкиноски: Бугарија вети помош, а испорача блокада – Македонија конечно мора да возврати со силата на правото!

Барајќи одговори на оваа тема, разговорот со адвокатот Тони Менкиноски, најпознат како застапник на македонските здруженија во  Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, доби формат на интервју.

Може ли држава која со меѓународен договор се обврзала да ѝ помага на соседната држава во европската интеграција, потоа да го користи своето членство во ЕУ за да ја попречува?

– Токму тука е суштината на проблемот. Ние премногу долго го третираме македонско-бугарскиот спор исклучиво како политичко и историско прашање. Мислам дека е крајно време да го поставиме и како правно прашање.
Македонија и Бугарија во 2017 година потпишаа меѓународен договор. Тој договор не е политичка декларација, ниту список на добри намери. Тој создава права и обврски за двете држави. Во член 2, Бугарија презема обврска да соработува со Македонија во процесот на европска интеграција, да го споделува своето искуство и да ѝ помага во исполнувањето на критериумите за членство во Европската Унија.
Оттука произлегува едно едноставно, но суштинско прашање: Можете ли со едната рака да потпишете дека ќе ѝ помагате на една држава да стане членка на ЕУ, а со другата рака да ја користите својата позиција во ЕУ за да го попречувате истиот процес?
Тоа веќе не е само политичко прашање. Тоа е прашање на меѓународното право.

Но и понатму останува фактот дека Бугарија е членка на Европската Унија, на што секогаш се повикува дека тоа ѝ дава право да поставува услови и да одлучува дали ќе даде согласност

– Се разбира дека Бугарија има права што произлегуваат од нејзиното членство во Европската Унија. Никој тоа не го оспорува. Но едно е да имате право, а сосема друго е како го користите тоа право во однос на меѓународните обврски што доброволно сте ги презеле. Во меѓународното право постои фундаментален принцип – pacta sunt servanda. Договорите мора да се почитуваат. И не само формално. Тие мора да се исполнуваат совесно, во добра верба – bona fide.

Затоа вистинското прашање не е дали Бугарија има право на став во рамките на Европската Унија. Секако дека има. Прашањето е дали начинот на кој го користи тоа право е во согласност со обврската што ја презела кон Македонија – да соработува и да ѝ помага во нејзината европска интеграција.

Значи, според Вас, може да постои повреда на Договорот за добрососедство?

– Велам дека постои доволно сериозно правно прашање кое Македонија мора да го испита. Особено ако условувањата не се однесуваат на објективните критериуми за членство.
Ако од Македонија се бара владеење на правото – мора да го исполниме. Ако се бара независно судство – мора да го обезбедиме. Ако се бара борба против корупцијата, функционална пазарна економија и усогласување со европското законодавство – тоа се легитимни европски барања и наша обврска е да ги исполниме.
Но кога европскиот процес се условува со историски и идентитетски прашања, тогаш имаме право да прашаме: каде завршуваат Копенхагенските критериуми, а каде започнува билатералното условување?
И уште поважно – дали таквото условување е компатибилно со обврските што Бугарија ги презела со Договорот од 2017 година?

Дел од јавноста смета дека решението е Македонија едноставно да се повлече од Договорот. Каков е вашиот став за тоа „едноставно“ решение?

– Тоа е легитимна тема за политичка и правна дебата. Но мора да бидеме реални.
Македонската политичка елита, барем според досегашното однесување, очигледно нема намера да оди кон раскинување или престанок на Договорот од 2017 година.
Ако е тоа политичката реалност, тогаш не можеме бесконечно да останеме заробени во дебатата дали Договорот требало да биде потпишан или дали денес треба да биде анулиран. Мора да бараме алтернативи во рамките на правото. Ако договорот останува во сила, тогаш Македонија треба да престане да го гледа исклучиво како извор на сопствени обврски. Треба да почне да го чита и како извор на права. Тоа е суштинската промена што ја предлагам.
Ако од Македонија се бара да го почитува Договорот, тогаш Македонија има целосно право да бара и Бугарија да го почитува истиот договор. Не може една страна постојано да биде прашувана што направила за негово исполнување, а другата да биде ослободена од истото прашање, само затоа што е членка на Европската Унија.
Ако договорот важи – тогаш мора да важи за двете страни. И токму таму треба да ги бараме правните алтернативи.

 На какви алтернативи конкретно мислите?

– Најпрво на систематска правна анализа на обврските што произлегуваат од самиот Договор. Треба да утврдиме кои конкретни постапки на Бугарија можат да бидат спротивни на член 2, дали постои повреда на принципот на добра верба и дали со конкретното однесување се поткопува целта на договорната обврска за соработка и помош во европската интеграција.
Потоа треба да се користат механизмите што ги предвидува самиот Договор, дипломатските механизми за решавање меѓудржавни спорови и да се анализира можноста за меѓународна судска постапка.
Значи, ако политичката елита нема намера да го раскине Договорот, тогаш Македонија мора да направи нешто друго – да почне правно да го користи Договорот. Не само да одговара на барања што произлегуваат од него, туку да инсистира и на исполнување на обврските на другата договорна страна.

Македонија веќе имаше слично искуство со судска постапка со Грција. Може ли да се направи правна паралела?

– Да, и тоа е многу важна правна паралела. Кога Македонија ја тужеше Грција пред Меѓународниот суд на правдата, ние не баравме Судот да нè внесе во НАТО. Баравме да утврди дали Грција, со своето однесување во рамките на НАТО, ја прекршила обврската што ја презела со Времената спогодба. И во 2011 година Меѓународниот суд на правдата утврди дека Грција ја прекршила таа обврска. Тоа е исклучително важна лекција.
Судот не одлучуваше дали грчката политика е добра или лоша. Не одлучуваше ниту дека Македонија мора да стане членка на НАТО. Одлучуваше за нешто многу поедноставно: дали една држава го почитувала договорот што самата го потпишала?
Затоа и денес не треба да бараме меѓународен суд да ја внесе Македонија во Европската Унија. Треба да го поставиме вистинското правно прашање: дали Бугарија, преку своето конкретно однесување во процесот на европската интеграција на Македонија, ги почитува меѓународните обврски што самата ги презела?

Доаѓаме до логичното прашање – дали тогаш Македонија треба да ја тужи Бугарија?

– Не би рекол веќе утре да поднесеме тужба. Државата не смее да води меѓународни постапки импулсивно. Но би рекол нешто друго – Македонија треба веднаш да започне правна подготовка за сите расположливи опции, вклучително и за можноста за меѓународна судска постапка. Прво мора прецизно да утврдиме кои постапки на Бугарија можат да претставуваат повреда на Договорот.
Потоа треба да ги активираме механизмите предвидени во самиот Договор, да создадеме јасна дипломатска и правна документација дека постои спор околу неговото толкување и применување и, најважно, да утврдиме пред кој меѓународен форум може да се води таква постапка.
Меѓународниот суд на правдата е една од опциите што заслужува сериозна анализа, но таму мора многу внимателно да се испита прашањето на надлежноста. Затоа јас не повикувам на непромислена тужба. Повикувам Македонија конечно да изгради правна стратегија.

Што би требало Македонија да бара од Европската Унија?

– Ништо повеќе од еднаков третман. Не бараме привилегија. Не бараме намалување на критериумите. Не бараме некој да ни подари членство. Ако не ги исполнуваме европските критериуми, нека ни биде кажано каде не ги исполнуваме и што треба да поправиме. Но не можеме да прифатиме критериумите за една држава-кандидат да бидат различни од оние што важеле за другите. Европската интеграција мора да биде процес заснован врз правила.
Ако дозволиме билатералните историски и идентитетски спорови да станат трајни критериуми за членство, тогаш се поставува прашањето што останува од принципот на еднаков третман на државите-кандидати.
Европа не може да бара владеење на правото од кандидатите, а во самиот процес на проширување да дозволи правото на посилниот да го замени владеењето на правото.

Значи сметате дека Македонија досега премногу политички, а премалку правно му пристапувала на проблемот?
– Апсолутно! Со години објаснуваме кој сме, што чувствуваме, како ја разбираме нашата историја и зошто сметаме дека кон нас се постапува неправедно.
Но меѓународното право не прашува кој е поголем, кој е член на Европската Унија или кој има поголемо политичко влијание. Правото поставува многу поедноставно прашање: што сте потпишале и дали го почитувате она што сте го потпишале?
Договорот од 2017 година има две договорни страни.
Ако Македонија има обврски – треба да ги исполни. Но ако Бугарија има обврски – и таа треба да ги исполни. Не може договорот да произведува обврски само за послабата страна, а права само за посилната.

И за крај, каква би била вашата порака за употреба на правните опции за разрешување на еден политичко прашање?

– Мојата порака е едноставна. Ако македонската политичка елита нема намера да го раскине Договорот од 2017 година, тогаш мора да престанеме да се однесуваме како Македонија да е единствената страна што има обврски според него. Ако договорот останува – да го употребиме и ние. Да ги утврдиме нашите права. Да ги утврдиме бугарските обврски. Да бараме нивно исполнување. И ако е потребно, да бараме правна заштита пред надлежен меѓународен форум.

Суштинското прашање останува: може ли една држава со едната рака да потпише меѓународен договор со кој ветува дека ќе ви помага да стигнете до европската врата, а со другата рака да ја држи истата врата затворена?
Ако одговорот е дека може, тогаш мора да се запрашаме каква вредност воопшто имаат меѓународните договори. Но ако важи pacta sunt servanda, ако договорите мора да се почитуваат и да се исполнуваат во добра верба, тогаш Македонија има право да бара одговор.
Македонија не треба да бара милост. Треба да бара право. Не треба да бара привилегија. Треба да бара еднакви правила. А ако политиката со години не може да го разреши овој јазол, тогаш е време сериозно да ги разгледаме правните алтернативи. Затоа што понекогаш најдобриот одговор на политиката на сила е – силата на правото.

Јасминка Павловска

INFO MAK