Со четириесет дена исполнети со музика, театар, балет и џез, фестивалот „Охридско лето“ и ова лето ја потврди својата позиција како еден од најзначајните културни настани во земјава и препознатлива европска фестивалска сцена. Шеесет и шестото издание донесе исклучително богата програма, врвни уметници од повеќе земји, полни концертни простори и публика која со своето присуство и аплаузи покажа дека Охрид повторно живее со уметноста.
Годинашното издание понуди 48 фестивалски настани, музички концерти, театарски претстави, џез и балетска вечери, со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји. Од свеченото отворање со грандиозната оперска гала „Љубов“, до завршните фестивалски денови, сцените на „Охридско лето“ беа места на средби на врвни домашни и странски уметници и бројна публика.
Особено силен впечаток остави свеченото отворање на Античкиот театар, каде светската оперска ѕвезда Ермонела Јахо и тенорот Чарлс Кастроново, во придружба на оркестарот на Националната опера и балет и под диригентската палка на Марко Боеми, приредија спектакуларна музичка вечер. Интересот за концертот беше огромен, настанот беше распродаден уште две недели пред почетокот на фестивалот, а на Античкиот театар присуствуваа повеќе од 4.000 посетители.
Но, рекордната посетеност не остана само белег на отворањето. И голем број други фестивалски настани беа распродадени уште пред нивното одржување, што е уште една потврда за огромниот интерес на публиката. Во текот на целиот фестивал се бараше билет повеќе, а преполните простори на фестивалските локации ја потврдија довербата што публиката ја има во „Охридско лето“ и неговата уметничка програма.

„Зад нас се четириесет дена исполнети со врвна уметност, прекрасни концерти, силни емоции и публика која беше најголемиот успех на ова фестивалско издание. Особено ме радува што интересот беше огромен уште од самиот почеток, а голем број настани беа распродадени и пред да се одржат. Тоа е најубавата потврда дека публиката го препознава квалитетот кој го понудивме на ова 66. „Охридско лето“. Она што навистина ќе го паметиме се полните гледалишта, долгите аплаузи, емоцијата на публиката и незаборавните уметнички вечери“, вели директор на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
