Извршниот директор на Мета, Марк Закерберг си купил замок од 19 век во готски стил, со поглед кон река во југоисточниот дел на Ирска, на 200 километри (125 милји) од европското седиште на неговата компанија, соопшти во четвртокот неговиот портпарол, пренесува „Гардијан“.
Замокот Странкали (Strancally Castle) бил изграден околу 1830 година на земјиште со поглед кон реката Блеквотер, а во 2003 година бил подложен на голема реконструкција, според државниот архив за архитектура.
Трансакцијата не е заведена во ирскиот државен регистар на цени на недвижности. „Ајриш тајмс“, кој прв ја објави информацијата за купувањето, процени дека имотот би можел да вреди меѓу 20 и 30 милиони евра.
Портпаролот на Закерберг изјави дека тој и неговото семејство се „возбудени што ќе продолжат да се грижат за овој историски дом и со нетрпение очекуваат да поминуваат време во Ирска“.
Мета вработува околу 1.500 луѓе во Ирска, каде што се наоѓаат европските седишта на голем број американски технолошки мултинационални компании, делумно поради поволниот даночен режим на земјата.