Долгот кон приватниот сектор, невладините и граѓанските организации надмина 315.000.000 евра.
Има пораст на доспеаните, а неплатени обврски кон јавниот сектор и кон приватниот сектор, здруженијата на граѓани и невладините организации. Новите податоци за состојбата со внатрешните обврски покажуваат дека на крајот од јуни годинава тие се зголемени и во однос на првиот квартал и во однос на истиот период лани. Намалување на должничкиот износ има кон странство и кон физички лица.
На крајот од јуни доспеаните обврски достигнаа 692.523.113 евра и според пресметката на “Порталб“, за шест месеци или во однос на крајот на декември 2025-та, тие се зголемени за 26.370.000 евра. Пораст на доспеаните, а неплатени обврски има и на квартално ниво, за дури 17.550.000 евра, додека пак во однос на лани истиот период долговите се зголемени за речиси 3.000.000 евра.
Доспеани, а неплатени обврски
Јуни 2026 692.523.113 евра
Март 2026 674.979.750 евра
Декември 2025 665.803.009 евра
Јуни 2025 689.677.466 евра
Извор : МФ
Доспеаните, а неплатени обврски кон јавниот сектор достигнаа 344.502.000 евра и во однос на состојбата со крајот на минатата година, тие се зголемени за околу 15.000.000 евра. На второ место се обврските кон приватниот сектор, здруженија на граѓани и други непрофитни организации, во износ од речиси 315.200.000 евра и овој долг за шест месеци е зголемен за 20.300.000 евра.
Доспеани, а неплатени обврски
Јуни 2026 Март 2026
Кон јавен сектор 344.501.982 329.057.229
Кон приватен и граѓански сектор 315.178.243 294.884.695
Кон физички лица 3.031.000 8.814.912
Кон странство 29.811.987 33.046.172
Извор : МФ
Долговите на државата кон физички лица на крајот од вториот квартал изнесувале нешто над 3.000.000 евра и во однос на крајот на декември има намалување. Во анализираниот период, намалување има и на доспеаните, а неплатени обврски кон странство, кои на крајот на јуни изнесувале скоро 30.000.000 евра.
На новата должничка листа и натаму првите пет места се резервирани за двете железнички компании, за двете енергетски државни фирми и за јавните установи од областа на здравството за потребите на здравствените институции. Споредбената анализа на „Порталб“ покажува дека на квартално ниво државните железнички компании го „набилдале“ долгот, додека доспеаните, а неплатени обврски на енергетските фирми се намалени.
МЖ Инфраструктура 91.400.000 евра
МЖ Транспорт 79.857.530 евра
ЈУ од областа на здравството 34.977.862 евра
ЕСМ производство 33.818.673 евра
ЕСМ дистрибуција 29.715.403 евра
Извор: МФ
Конкретно, на прво место со долг кој достигна речиеи 91.400.000 евра е МЖ Инфраструктура, а на второ е МЖ Транспорт со доспеани, а неплатени обврски во износ од речиси 80.000.000 евра, или долгот само на овие две фирми под државна контрола надмина 171.000.000 евра. На трето место со доспеани, а неплатени обврски е ЈУ од областа на здравството (заедничката служба за потребите на здравствените институции) со долг од безмалку 35.000 000 евра. ЕСМ – за производство на струја има обврски во износ од 33.900 .000 евра, а ЕСМ – дистрибуција околу 30.000.000 евра. На новата листа на Министерството за финансии се наоѓаат 903 државни институции, агенции, комисии, општини, државни фирми, локални и градски јавни претпријатија, училишта, болници, институции од социјалната заштита и културата, судови, факултети, обвинителства, министерства, кои пријавиле дека имаат доспеани, а неплатени обврски.