Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска го промовираше овој нов концепт. Таа најави дека Европската Комисија ќе предложи четири групи мерки: внатрешни реформи во ЕУ без промена на договорите, посилни демократски заштитни механизми, нова методологија за постепена интеграција и преодни мерки за идните членки.
Кос смета дека сегашната методологија за проширување е создадена во сосема поинакви услови и дека ЕУ мора да најде начин процесот да биде побрз и поконкретен.
Постепената интеграција подразбира земјата-кандидат да не мора да чека до денот на полноправното членство за да ги почувствува економските и политичките придобивки од интеграцијата. Ако една земја ги исполни сите услови во одредена област, би можела да биде интегрирана во таа област и пред формалното членство.
Ова е засилена постепена интеграција, рече Кос. Комисијата веќе разгледува модел во кој земјите би добивале пристап до избрани европски програми и политики пред формалното влегување во Унијата. Ова е различно од идејата за „половично членство“.
Кос претходно ги отфрли предлозите кандидатите директно да влезат во единствениот пазар и Шенген без да ги исполнат условите за тоа. Според неа, за таква интеграција се потребни сериозни реформи и целосно усогласување со европските правила.
За Македонија најважен би бил пристапот до дополнителни делови од единствениот европски пазар. Европската Унија постепено ги интегрира земјите од Западен Балкан во различни сегменти на единствениот пазар преку Планот за раст и реформите што се услов за користење на средствата. Планот предвидува до шест милијарди евра за реформи и инвестиции во регионот. Средствата не се автоматски достапни, туку се поврзани со исполнување конкретни реформи и приближување кон правилата на ЕУ.
За Македонија тоа значи дека постепената интеграција не би била само политичка порака, туку може да носи конкретни економски ефекти – полесен пристап до европскиот пазар, поевтини плаќања, подобра инфраструктурна поврзаност и европско финансирање.
ЕУ оценува дека овие мерки треба да донесат конкретни придобивки за граѓаните и компаниите уште пред полноправното членство.
Комисијата во својот последен извештај наведува дека постепената интеграција веќе опфаќа области како телекомуникации и роаминг, плаќања и банкарство, царина, енергетика и индустриски производи, а се развива и во земјоделството, здравството, транспортот, вселенската политика и одбраната.
Втората страна на планот на Кос е реформата на самата ЕУ. Комисијата ќе предложи промени во начинот на функционирање на Унијата, но без веднаш да се отвораат основачките договори.
Во фокусот се договорите, буџетот и процесот на носење одлуки. Комисијата разгледува и можности за ограничување на блокадите и поефикасно носење одлуки во проширена Унија.
Новиот модел треба да биде заснован на заслуги, односно секоја конкретна придобивка да се добива по исполнување на европските услови, вели Кос.
За Македонија ова значи дека, доколку концептот биде усвоен, европската интеграција би можела да стане многу поконкретна и пред формалното членство. Но, целта останува полноправно членство, а степенот на интеграција пред него ќе зависи од тоа колку земјата ги исполнува условите во конкретните области.
Европската комисија своите конкретни предлози за иднината на проширувањето треба да ги претстави во септември, по што ќе следи политичка расправа меѓу земјите-членки.