ДКСК: Само 37 отсто од мерките од Националната стратегија за борба против корупцијата се реализирани

На седницата беа прифатени и посебните извештаи на ДКСК за состојбите во финансирањето на изборните кампањи за локалните избори, како и за повторните избори за градоначалници во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа во 2026 година. Во собраниска процедура се проследени и извештаите за спроведувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021–2025 година.

Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, информираше дека во 2025 година до Комисијата биле поднесени 612 пријави, а биле донесени 583 одлуки во рамки на нејзините надлежности.

„Издадени се вкупно 111 прекршочни платни налози за прекршоци утврдени со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Дополнително, поведени се 45 прекршочни постапки“, рече Чучуљ.

Тој посочи дека до Јавното обвинителство биле доставени осум иницијативи за поведување постапки за кривично гонење, три иницијативи до надлежните органи за утврдување одговорност на службени лица, како и шест други иницијативи за утврдување одговорност на избрани, именувани и службени лица.

Во текот на годината, ДКСК издала и 116 мислења во врска со потенцијални ситуации на судир на интереси, а континуирано доставувала препораки и укажувања до надлежните институции за надминување на утврдените состојби и ризици од корупција.

Чучуљ посочи дека во 2025 година биле подготвувани завршните извештаи за претходната Национална стратегија, а биле преземени и активности за изготвување на новата стратегија. Како значајни активности ги наведе промовирањето на институционалниот интегритет во органите на централната и локалната власт, како и отпочнувањето активности за промовирање на системот на интегритет во правосудството.

Сепак, според податоците од ДКСК, реализацијата на претходната Национална стратегија била недоволна.

„Од вкупно 318 евалуирани активности, 37 отсто се целосно реализирани, нереализирани се 34 проценти, а во тек се 29 проценти“, истакна Чучуљ.

Пратеничката од НСДП, Соња Мираковска, го оцени извештајот како задоцнет и нефункционален. Таа забележа дека нема доволно информации за тоа што се случува со препораките што ги дава ДКСК, односно колку од нив се прифатени и реализирани од институциите.

„Како институција сте непрепознатливи, извештајот е обична статистика, не кажува ништо за она што се случува во државата. Мора малку похрабро, појасно, повеќе визионерски“, рече Мираковска.

Во однос на финансирањето на локалните избори, Чучуљ информираше дека ДКСК оформила 43 предмети поврзани со пријави за изборни нерегуларности, меѓу кои користење буџетски средства, државни простории и службени возила, како и вработувања.

Од овие предмети, во еден случај била доставена иницијатива до надлежното Јавно обвинителство поради сомневање за сторено кривично дело.

Чучуљ истакна дека ДКСК има ограничувања во анализата на финансиските извештаи на учесниците во изборниот процес, пред сè поради недостиг на буџетски средства и вработени, поради што со години се потпира на меѓународна поддршка, особено од ИФЕС.

За повторните локални избори во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, тој рече дека ДКСК немала оформено предмети ниту добила приговори од организатори на изборни кампањи или учесници на изборите. Констатирано било само дека еден учесник не доставил финансиски извештај.

Седницата беше прекината од претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Љупчо Пренџов, а во дополнителен термин треба да биде разгледана Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030 година.