Сојузот на борците се против улица во Тетово да носи име на фашист

На 12 август Работната група за именување и преименување на улици во Тетово, формирана од Советот на општината, утврдила 145 предлог-имиња за улиците во градот, а на листата под број 2 е наведено името на др. Џафер Сулејмани.

За Сојузот на борци и продолжувачи од Тетово овој предлог е неприфатлив по повеќе основи и бараат тој да биде отфрлен.

„Кај голем дел од предложените имиња намерно се сокрива суштинскиот дел од нивната биографија. Сметаме дека јавноста мора да биде запознаена дека истиот за време на фашистичката окупација во мај 1941 година од страна на окупаторот бил назначен за градоначалник на Тетовската општина, функција која ја извршувал до средината на 1943 година… Џафер Сулејмани во јули 1943 година во окупирано Тетово го пречекува фашистичкиот генерал и вицекрал Алберто Париани со највисоки градски почести и леб“, се вели во реакцијата на Сојузот на борци од Тетово, кои споделија и фотографија од пречекот на Париани од страна на тогашниот градоначалник.

Од Сојузот велат дека има сведоштва за случаи на ликвидации и други злостроства што се случувале во градот додека градоначалник бил  Сулејмани.

„Историјата токму во мандатот на Џафер Сулејмани, меѓу другото, се сеќава и на ликвидацијата на семејството Кузмановски од Тетово, кое вечерта на 7 јуни 1943 година, во очи на свадбата на ќерката Марица, загинува од окупаторска балистичка банда во својата семејна куќа“, се вели во соопштението.

Името на Џафер Сулејмани се врзува и за формирањето на квислиншкиот албански баталјон „Љуботен“, кој, според Сојузот на борците, целосно се претопил со балистичките формации и бил распореден во постојани борби против македонските антифашистички партизански одреди.

Во соопштението се вели дека Џафер Сулејмани по ослободувањето бил правосилно осуден од надлежен суд за своите престапи.

„Уште еднаш јавно ги повикуваме членовите на Работната група за преименување на улиците да ја преиспитаат сопствената совест. Упатуваме јавен апел и до членовите на Советот на Општина Тетово да престанат со заветот за молчење по ова прашање. Очигледна е штетата која се прави“, се вели во соопштението на Сојузот на борци од НОАВМ и продолжувачи од Тетово.

Борците од Тетово неодамна испратиле барање и до Собранието на Македонија за иницирање законски измени со кои ќе се зајакне законската регулатива во насока на превенција од рехабилитирање на фашизмот.