Европа со најниски резерви на гас во последните 13 години

Европа е на пат да влезе во постудените месеци со резерви на гас на најниско ниво во последните 13 години, што предизвика „зимска паника“ кај трговците со енергија, објави Гардијан.

Залихите на гас на ЕУ беа исполнети на 63 отсто во последната недела од август, што е далеку под просекот од 80 отсто за крајот на август во последните години и меѓу најниските нивоа некогаш забележани за овој период од годината.

Велика Британија може да биде особено изложена на нестабилност на пазарот, бидејќи е меѓу најголемите потрошувачи на гас во Европа, но има едни од најниските нивоа на домашен капацитет за складирање на гас.

Вообичаено, Велика Британија се потпира на увоз на гас преку цевковод од Европа или танкери од САД и Блискиот Исток. Крис О’Ши, извршен директор на сопственикот на British Gas, Centrica , изјави оваа недела дека Велика Британија „скоро и да нема резерви на гас“ за претстојната зима.

Загриженоста за снабдувањето со гас е особено присутна во Западна Европа, каде што нивоата на складирање се далеку под оние во земји како Италија и Полска, кои успеаја да ги наполнат своите резерви на гас до над 80 отсто.

Во Германија, која има најголем капацитет за складирање гас во Европа, капацитетите се околу половина полни, според „Гас Инфраструктура Јуроп“. Нивоата на складирање во Белгија и Холандија, кои се поврзуваат директно со британскиот пазар на гас преку гасоводи, изнесуваат 51 и 45 отсто.

Резервоарите за гас на ЕУ се борат да се искачат до 80 отсто полни до почетокот на зимата, откако војната меѓу САД и Израел против Иран предизвика сериозни нарушувања на извозот на нафта и гас од регионот на Заливот.

Иако не се очекува Европа да доживее физички недостиг на гас оваа зима, трговците очекуваат повисоки цени.