„Никогаш не функционирала подобро коалицијата како во овој момент и на државно и на локално ниво. Одлагањето на седницата е од технички причини. Ако немате доволен број советници во сала согласно Деловникот, претседателот е должен така да постапи“, рече Димитриевски.
Тој додаде дека периодот на годишни одмори е причина дел од советниците да не биле физички присутни. Градоначалникот на Куманово смета дека опозицијата со критиките се обидува да создаде поинаква слика за функционирањето на локалната власт.
„Оваа опозиција и на локално и на централно ниво не знае ништо друго освен критика и да ги блокира сите процеси за развој на Општина Куманово“, рече градоначалникот.
Вчера беше прекината 17. седница на Советот на Општина Куманово, на која дневниот ред содржеше повеќе од 100 точки. Прекинот следува во делот од седницата кога требаше да се разгледуваат и гласаат програмите на основните и средните училишта во општината. Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, прекинот го образложи со недостиг на кворум.
Од опозицијата, СДСМ и Коалицијата велат дека кворум имало и дека прекинот бил последица на несогласувања во рамки на владејачкото мнозинство. Тие оценија дека ваквата состојба може да има последици врз навременото усвојување на програмите и извештаите на училиштата.
Опозицијата изрази загриженост и дека политичките несогласувања во Советот може да влијаат врз функционирањето на локалната самоуправа и спроведувањето на процесите поврзани со образованието. Седницата на Советот на Општина Куманово треба да продолжи согласно дополнително утврден термин.