Министерот посочи дека во изминатиот период интензивно се работело на прашањата поврзани со сајбер-безбедноста, заштитата и начинот на чување на личните податоци, како и нивната размена со Министерството за внатрешни работи, кое е сопственик на податоците.
„Во завршна фаза сме на усогласување и потпишување на протоколот за размена на податоците, како и на тестирањето на апликацијата. Сакаме, пред таа да биде достапна за сите, да бидеме сигурни дека системот е стабилен, безбеден и едноставен за користење. Апликацијата ќе биде достапна на App Store и Google Play, а нејзината тест-верзија досега ја презедоа околу 6.000 граѓани“, рече Андоновски во гостување на Канал 5.
Следниот чекор во дигиталната трансформација е мобилниот телефон постепено да стане дигитален паричник преку кој граѓаните безбедно и едноставно ќе пристапуваат до своите документи и до услугите на државата.