Муцунски по повеќе од 20 часа патување во Киев: „Стоиме со Украина, границите не можат да се менуваат со сила“

Муцунски на социјалните мрежи објави дека до Киев патувал повеќе од 20 часа, со авион, воз и автомобил, оценувајќи ја посетата како една од организациски најсложените, но и најзначајните.

„Посета што е потврда за силното пријателство и поддршката“, напиша Муцунски.

Тој посочи дека на средбата со Сибиха разговарале за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог и билатералната соработка, европската перспектива и актуелните безбедносни предизвици.

Муцунски ја потврдил цврстата и континуирана поддршка за Украина и за принципите на суверенитет, територијален интегритет и меѓународно право.

„Стоиме со Украина. Украина е суверена држава. Нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува. Границите не можат да се менуваат со сила“, наведе Муцунски.

Тој додаде дека безбедноста на Украина е европска безбедност и дека американското лидерство и европската одговорност мора да дејствуваат заедно за да се создадат услови за праведен и траен мир.

„Нашата поддршка ќе продолжи, а кога ќе дојде времето за обнова, сакаме да бидеме тука не само како пријател, туку и како партнер во закрепнувањето и реконструкцијата на Украина“, порача Муцунски.

Во рамките на посетата, Муцунски остварил средба и со Олександр Корниенко, прв заменик-претседател на Врховната рада на Украина.