Јанушев: Целосно се оградувам од постапувањето на приведениот возач

Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, се огради од постапувањето на возачот Д.Ц., кој е приведен под сомнение за примање поткуп.

Јанушев посочува дека лицето било возач и кај други функционери, а на позицијата возач кај генералниот секретар на Владата работело околу шест месеци.

„Во однос на мене лично, сакам да бидам кристално јасен дека целосно се оградувам од постапувањето на приведеното лице. Неговото постапување нема никаква врска со мене, со мојата функција, со моето работење или со каква било моја одлука или постапка. Лицето е возач кој во минатото работел и кај други функционери, а на позицијата возач кај генерален секретар е само околу шест месеци. Неговото незаконско постапување е исклучиво негова лична одговорност и за стореното треба да одговара пред надлежните институции“, напиша Јанушев на неговиот фејсбук профил.

Јанушев истовремено ја обвини СДСМ дека се обидува конкретниот случај да го претвори во политичка пресметка и да конструира врска меѓу приведениот возач и него.

„Корупцијата треба да се пријавува. Институциите треба да постапуваат. А секој што ќе го прекрши законот треба да одговара без оглед на функција, партија или близина со кој било функционер. Тоа е нашата позиција“, вели Јанушев.

Според него, апсењето е доказ дека институциите функционираат и дека никој не треба да биде заштитен доколку го прекршил законот.

„А СДС, наместо да измислува приказни, нека се соочи со фактот дека времето на заштита од одговорност заврши“, порача Јанушев преку својот фејсбук статус.