ВИДЕО – Николоски: Охридскиот аеродром добива ново лице, очекуваме до 400 илјади патници годинава

Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ доби целосно нов изглед и значително зголемен капацитет, со цел да обезбеди подобро и поудобно искуство за патниците, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Николоски посочи дека е извршена целосна реконструкција и надградба на терминалната зграда, изградени се нови простории за полицијата и царината, а бројот на шалтери за чекирање е зголемен на осум.

„Практично имаме еден нов аеродром. Имаме целосна надградба на Охридскиот аеродром, реконструкција на постојната терминална зграда и нејзина надградба“, рече Николоски.

Капацитетот на терминалот е зголемен на околу 3.400 квадратни метри, а бројот на излези е зголемен на осум, од кои шест се новоизградени. Според Николоски, последната поголема интервенција на аеродромот била направена во 1970-тите години, по што дури сега следува целосна модернизација.

Министерот очекува оваа година Охридскиот аеродром да опслужи меѓу 350 и 400 илјади патници, а во периодот што следува да го надмине и бројот од половина милион патници.

Како што посочи, годинава аеродромот веќе забележал рекорд од 21 лет во еден ден и повеќе од 3.000 патници дневно.

Посебно внимание при реконструкцијата било посветено и на автентичноста на Охридскиот регион. Во терминалот се поставени реплики на фрески од црквата „Света Софија“, мозаици од Охрид и елементи од македонската традиција, со што просторот е замислен како мал музеј за патниците.