По периодот на натпросечно топло време, Европа ја очекува значителна промена на временските услови. Студен арктички воздух ќе се спушти кон источните и јужните делови на континентот, а најизразено заладување се очекува на Балканот.
Според прогнозите на Severe Weather Europe, студениот бран ќе започне во вторник и ќе продолжи во среда, кога температурите во повеќе балкански земји значително ќе се намалат.
Продорот на студениот воздух ќе биде овозможен од силен блокирачки антициклон над Северниот Атлантик и Скандинавија. Во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Романија и Бугарија температурите локално би можеле да бидат и за 10 до 15 степени пониски од вообичаените вредности за овој период од годината.
Во вторник студениот фронт ќе зафати голем дел од Балканот, а во среда ќе се прошири и кон Грција, Егејското и Црното Море, како и кон Турција. Во најниските и средните атмосферски слоеви се очекуваат температури околу 6 до 10 степени под просекот за крајот на септември.
Дополнително заладување се очекува во текот на ноќта. Ведрото време и послабиот ветер би можеле да создадат услови за појава на првиот утрински мраз во пониските предели, котлините и земјоделските подрачја.
На повисоките планини на Карпатите, а можно е и во северните делови на Балканот, температурите би можеле да се приближат до нула степени, со услови за првите позначајни снежни врнежи оваа есен.
Најстудено се очекува да биде во вторник и среда, кога температурите во централниот и јужниот дел од Балканот главно ќе се движат од 10 до 20 степени.