Мицкоски на самитот „Конкордија“ во Њујорк: Македонија останува на европскиот пат, ги браниме идентитетот и државните интереси

Премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот се обрати пред престижниот самит „Конкордија“ во Њујорк, кој се одржува паралелно со Генералното собрание на Обединетите нации.

На панел-дискусија со грузиската заменик-премиерка Мака Ботчоришвили, премиерот Мицкоски се осврна на пречките во евроинтегративниот процес и обидите на земјите членки на ЕУ да го искористат за менување на македонскиот идентитет. Според премиерот, се слушаат и позитивни пораки од Брисел.

„Ние го започнавме нашето патување пред речиси две и пол децении. И, за жал, поради некои вештачки причини, не успеавме да станеме дел од ЕУ. Веројатно еден ден ќе го постигнеме овој камен-темелник. Во меѓувреме, фрустрацијата кај македонските граѓани е огромна, бидејќи во минатото направивме премногу отстапки: го сменивме знамето, Уставот го сменивме неколку пати, дури го сменивме и уставното име, и сето тоа ни изгледа како приказна без крај. Но, како и да е, ние веруваме во европските вредности и ќе продолжиме така, за конечно да најдеме излез од оваа заклучена ситуација во која се наоѓаме сега. Очигледно мораме да чекаме, но не само што чекаме, туку и правиме нешто“, вели Мицкоски и додаде:

„Се градиме и развиваме. За нас, за мојата генерација, преговорите со ЕУ беа еден вид начин да се променат институциите — не да се промени идентитетот. За жал, има некои земји членки коишто се обидуваат да решат некои билатерални прашања и не да ги променат нашите институции, туку да го променат нашиот идентитет. И ние сме жртва на еден вид малтретирање: или сте внатре или сте надвор, а ако сакате внатре, мора да го проголтате она што го бараме од вас. Но, тоа е опцијата и нема подобра опција за мојата земја. И бидејќи нема подобра опција, подготвени сме да одиме напред и да најдеме излез од оваа ситуација.“

На прашањето дали сепак има и позитивни пораки од Брисел, премиерот Мицкоски посочи дека пораките од самитот на ЕУ и земјите од Западниот Балкан во Тиват биле исклучително позитивни.

„Имаше заедничка презентација од Франција и Германија на еден документ којшто е неформален. Од Брисел слушаме дека можеби на следните заклучоци на Советот овој документ би можел да стане нешто што е официјална политика на ЕУ. Ќе видиме. А во меѓувреме ние целосно ја усогласивме нашата заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ. Нашето законодавство е помалку или повеќе усогласено со она на ЕУ. Ние не само што чекаме, ние работиме на нашиот развој, ја завршуваме нашата домашна задача, не го губиме времето, туку напротив — ова е нашиот стратешки камен-темелник и ќе останеме на тој пат напред“, изјави премиерот Мицкоски.

Освен на односите со Европската Унија, премиерот Мицкоски се осврна и на стратешкото партнерство со САД и изјави дека сака да бидеме пример за американското присуство во регионот и во Европа. Обраќањето на премиерот Мицкоски следеше по неговите средби со државниот секретар на САД, Марко Рубио, и високите претставници на Стејт департментот.