Како што соопшти нејзиниот Кабинет, претседателката ја поздравила посетата на француските сенатори и активниот ангажман на Групата за парламентарно пријателство во поддршката на регионот на патот кон Европската Унија. Таа ја нагласила важноста на континуираниот политички дијалог и парламентарната соработка, во духот на принципите и вредностите утврдени во основачките акти.
Сиљановска-Давкова укажала на, како што оценила, неприродно и нелогично долгиот македонски пат кон Брисел, кој, наместо преку Копенхаген, врвел преку метрополите на соседите, членки на Европската Унија, соочувајќи се со препреки и услови од идентитетска, наместо од реформска природа, информираат од Кабинетот.
Таа потсетила дека уште во 1992 година Бадентеровата комисија позитивно ја оценила нашата уставна усогласеност со Европската конвенција за човекови права и со Рамковната конвенција за заштита на малцинствата, а во 2022 година Венецијанската комисија, во Мислењето за Законот за употреба на јазиците, констатирала повисоки стандарди на заштита на малцинските права од европските.
Според Сиљановска-Давкова, на македонскиот евроинтеграциски парадокс се надоврзува и тоа што, по десетина позитивни годишни извештаи за почитување на правата на заедниците, за првпат во 2023 година, во Извештајот на бугарскиот пратеник Илхан Ќучук, се констатирала потребата од внесување на Бугарите во нашиот Устав, врз основа на Вториот записник односно протокол на Македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, потпишан од министерот Бујар Османи и министерката Теодора Генчовска, иако во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија таква одредба нема.
„Може ли со записник или протокол двајца министри да амандманираат билатерален договор? Може ли услов од записник да стане дел од заклучоците на Советот, а тоа да не се проблематизира и спори? Може ли некоја држава да бара од друга промена на Уставот, а да се заборави на филозофијата на Договорот за Европската Унија, односно на одредбите за почитување на националниот и културниот идентитет на државите и нациите, уставните и политичките структури, интегритетот и дигнитетот на граѓаните? Може ли некој во демократска држава да гарантира уставни измени кога пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено уверување?“, прашала претседателката, наведуваат од Кабинетот.
Македонскиот Устав, односно членот 48 и Амандманот VIII, напоменала претседателката, ги гарантираат малцинските права не само на наброените заедници во Преамбулата, туку и на „другите“, за разлика од бугарскиот Устав, кој, освен антидискриминаторската клаузула од членот 6, не содржи ниту една гаранција. Поради тоа, Венецијанската комисија, во Мислењето од 2008 година, препорачала со уставна измена да се стори тоа.
Сиљановска-Давкова го афирмирала и прашањето за односот на Бугарија кон пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во кој, како што посочила, има и свој судија.
Претседателката на Групата за пријателство Франција–Западен Балкан, Марта де Сидрак, изразила разбирање за состојбата во која се наоѓа земјава и ја потврдила француската поддршка за нејзината европска перспектива, потенцирајќи дека државите од Западен Балкан заслужуваат членство во Европската Унија врз основа на системот на заслуги.
Таа изразила уверување дека Групата за пријателство Франција–Западен Балкан ќе продолжи да го негува дијалогот, европските вредности и наследството на Робер Бадентер, како нејзин основач.