Во своето обраќање, Муцунски се осврна на предизвиците што брзиот развој на новите технологии, особено вештачката интелигенција, ги поставува пред институциите, регулаторните системи и општествата. Тој нагласи дека иновациите треба да создаваат нови економски можности и поквалитетни јавни услуги, но истовремено мора да бидат придружени со јасна одговорност, заштита на граѓаните и почитување на владеењето на правото.
Тој нагласи дека современата регулатива треба да создава простор за иновации, но и соодветни механизми за заштита, пропорционални на ризиците.
Министерот посебно ја акцентираше потребата од поголема меѓународна регулаторна соработка, размена на искуства и активно вклучување на помалите држави во обликувањето на глобалните правила и стандарди за новите технологии. Како што напомена, токму меѓународната соработка и развојот на практични, приспособливи регулаторни решенија се меѓу клучните цели на Глобалната платформа за регулаторни иновации.
Осврнувајќи се на Македонија, Муцунски истакна дека дигиталната трансформација претставува конкретна можност за зголемување на конкурентноста на домашните компании, отворање нови перспективи за младите и обезбедување поквалитетни, побрзи и поефикасни услуги од институциите.
Во таа насока, повика на развој на конкретни регулаторни пилот-проекти, споделување успешни практики и создавање решенија што ќе бидат достапни и применливи за држави со различни институционални капацитети и ресурси.
„Интелигентната ера ќе го тестира квалитетот на нашето расудување исто колку и моќта на технологијата. Потребна ни е храброст да иновираме и мудрост да го зачуваме она што му дава смисла на напредокот“, порача министерот Муцунски.
Настанот беше организиран од Генералниот секретаријат на Кабинетот на Обединетите Арапски Емирати и Светскиот економски форум.
Глобалната платформа е заедничка иницијатива на Обединетите Арапски Емирати и Светскиот економски форум, насочена кон развој на современи и флексибилни регулаторни пристапи во услови на забрзан технолошки развој.