Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во Белград оствари билатерална средба со бугарската министерка за енергетика Ива Петрова, во рамки на Вториот министерски самит на Македонија, Бугарија, Грција и Србија.
На средбата, на која присуствуваа претставници на Министерството, МЕПСО и НОМАГАС, како и високи претставници на бугарски енергетски компании и институции, биле разгледани конкретни можности за продлабочување на соработката во енергетиката.
Посебен фокус бил ставен на батериските системи за складирање електрична енергија. Македонската страна изразила интерес за искуствата на Бугарија во однос на техничките решенија, регулативата, финансирањето и реализацијата на ваквите проекти.
Бугарската страна изразила подготвеност да ги сподели своите искуства и експертиза со македонските институции и компании.
На средбата се разговарало и за продолжување на соработката за подобро поврзување на електроенергетските пазари и унапредување на прекуграничната размена на електрична енергија.
Во фокусот била и енергетската сиромаштија, при што двете страни размениле искуства за мерките и политиките што можат да придонесат за подостапна и посигурна енергија за граѓаните.