Почна Министерската конференција за Коридорот 8 во Софија, на маргините Муцунски ќе има средби со Кос и бугарската министерка Чамова

Почна Меѓународна конференција на министерско ниво, посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8, што се одржува денеска во Софија, на која учествува македонскиот министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, јави известувачот на МИА.

Домаќин е бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова. Конференцијата треба да обезбеди платформа за политички и експертски дијалог, зајакната координација меѓу засегнатите страни и утврдување конкретни следни чекори за развојот на Коридорот 8, преку отворање можностите за забрзување на работите на неговите одделни делници, како и за понатамошна координација меѓу земјите и институциите вклучени во неговата реализација.

Муцунски ќе се обрати на панелот на високо ниво „Геостратешки контекст на Коридорот 8“, посветен на стратешкото значење на коридорот во актуелните геополитички, безбедносни и економски услови. 

На маргините на конференцијата Муцунски ќе има средби со еврокомесарката за проширување Мара Кос и шефицата на бугарската дипломатија, Петрова Чамова.

Очекувањата од македонска страна од средбата Муцунски-Петрова Чамова се преку директен дијалог, во добра волја и со взаемно почитување, да се отворат можности за деблокирање на интегративниот пат, при што се нагласува потребата од одржливо решение кое нема повторно да го изложи пристапниот процес на нови билатерални условувања.

Средбата меѓу двајцата министри за надворешни работи доаѓа и откако Европската комисија објави предлог за идното проширување, во кој меѓу другото се предлага квалификувано мнозинство за отворање на преговорите и постепена интеграција, но со заштитни клаузули што треба да обезбедат дека новите членки ќе го почитуваат тоа на што се обврзале во преговорите.