Македонија, Бугарија и Албанија имаат значајна геостратешка положба во развојот на паневропската транспортна инфраструктура, која треба да овозможи побрз и поефикасен транспорт на стоки од Црното до Јадранското Море, а потоа и кон Италија. Ова беше истакнато на Министерската конференција во Софија, посветена на Коридор 8, на која еврокомесарката за проширување Марта Кос нагласи дека поврзувањето на регионот носи економски придобивки за сите држави долж трасата.
Значењето на транспортните коридори е особено важно во контекст на европските напори за диверзификација на синџирите на снабдување со стратешки ресурси, вклучително и критичните минерални суровини. Иако Македонија засега не е активно вклучена во исполнувањето на целите од Директивата на ЕУ за критичните минерални суровини, географската положба на регионот отвора можности за негово поголемо значење во европските економски и инфраструктурни планови.
„Европа на потежок начин научи дека прекумерната зависност нè прави ранливи“, истакна Кос, посочувајќи дека недостигот на критични суровини, енергетските уцени и зависноста од ограничен број трговски рути можат да ја ограничат слободата на дејствување на Европа.
Таа најави дека ЕУ работи на мобилизирање инвестиции од јавниот и приватниот сектор во вредност до 12 милијарди евра, наменети за подобрување на патиштата, железниците и пристаништата, изградба на капацитети и намалување на доцнењата на границите.
Еврокомесарката за проширување претходно во текот на неделава во Брисел го презентираше и планот на Европската Комисија за побрзо интегрирање на земјите кандидатки, потенцирајќи дека идните членки можат да ја зајакнат одбранбената подготвеност на Унијата.
„Преку постоењето на ефикасни власти и почитувањето на заедничките правила, процесот на проширувањето може да го зајакне влијанието на политиките на Унијата во поголем обем. Поголемиот Единствен европски пазар, подобриот пристап до критичните суровини како што се ретките метали и подобрените индустриски капацитети создаваат можности за трговија, инвестиции и раст. Посилните енергетски, транспортни и дигитални мрежи ги намалуваат зависностите и ја зголемуваат безбедноста“, пишува во Планот.