Жестока дебата помеѓу Илија Димовски и Андреј Ковачев на ФБ: Димовски побара признавање на Македонците во Бугарија

Честитката на Илија Димовски по повод 11 Октомври предизвика остра расправа на Фејсбук со Андреј Ковачев, во која се отворија прашањата за македонскиот идентитет, историското наследство и признавањето на Македонците во Бугарија. Ковачев е бугарски пратеник во Европскиот парламент од групата на Европската народна партија.

Повод за размената на коментари беше објавата на Димовски, која започнува со цитат од АСНОМ за обединување на македонскиот народ. Во честитката Димовски порача дека „нашата историја е подолга од секое денешно искушение“, а „нашата одговорност е поголема од секоја дневна поделба“, завршувајќи со пораката: „Обединета Европа е дом за обединета Македонија“.

Ковачев реагираше со коментар во кој 11 Октомври го нарече „Позорен ден!“. Тој повика на сеќавање на Петар Колев, за кого тврдеше дека бил убиен од Аспарух, употребувајќи навредливи квалификации за него и оспорувајќи го празнувањето на датумот.

Димовски одговори со барање Бугарија да го признае македонскиот народ и да го внесе во својот Устав.

„Се надевам дека Бугарија ќе признае постоење на македонскиот народ како конститутивен елемент на бугарската држава и ќе го внесе во Уставот на Бугарија“, напиша Димовски.

Според него, таквиот чекор би претставувал вистински гест на европски вредности и би придонел Македонија и Бугарија да бидат „најдобри соседи и вистински партнери“. Одговорот го заврши со зборовите: „Поздрав од слободниот дел на Македонија“.

Во продолжението на расправата, Ковачев побара прво да се признае „заедничка историја“, наведувајќи повеќе историски личности, меѓу кои Гоце Делчев, Даме Груев и Тодор Александров, како, според неговата формулација, „заеднички македонски Бугари“. Истовремено напиша дека нема проблем со современиот македонски идентитет и јазик.