Никола Андреевски, еден од истакнатите македонски претприемачи во Соединетите Американски Држави и добитник на признанието „Бизнис елит – 40 под 40“, присуствуваше на вечера на имотот Мар-а-Лаго во Флорида, каде што лично се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп.
Андреевски, кој потекнува од Велес, а повеќе од една деценија живее и работи во САД, беше меѓу гостите на вечерата одржана во петокот навечер. За време на настанот имаше можност да се поздрави и да размени неколку зборови со американскиот претседател.
Средбата претставува уште еден значаен момент во професионалниот пат на македонскиот бизнисмен, кој во изминатите години изгради успешна кариера во американската транспортна и логистичка индустрија.
Андреевски меѓу добитниците на признанието „40 под 40“
Никола Андреевски е извршен директор на „МДН Фрејт“, транспортна и логистичка компанија со седиште во Чикаго, која работи на американскиот пазар и развива капацитети за соработка со големи клиенти.
Неговиот професионален пат започнал со работа во основните сегменти на транспортната индустрија, каде што стекнувал практично искуство и постепено напредувал до раководна позиција. Денес, како извршен директор, работи на проширување на капацитетите на компанијата, подобрување на оперативната ефикасност и воспоставување долгорочни деловни партнерства.
Во јуни годинава, Андреевски се најде меѓу добитниците на признанието „Бизнис елит – 40 под 40“ во Њујорк, кое им се доделува на млади претприемачи и деловни лидери за постигнатите резултати во нивните индустрии.