Европските искуства ја нагласуваат потребата од инвестиции во енергетиката

Серија „блек аути“ во Шпанија, Португалија и дел од балканските земји како Црна Гора, Хрватска, Косово и Албанија ја нагласува потребата владите да ја ставaт енергетската инфраструктура во фокусот на инвестиции, заклучија учесниците на Балканската енергетска школа (БЕС) во Скопје.

Енергетичари, регулатори и оператори на електропреносните системи од регионот и Европа дискутираа за мерки кои треба да се преземат за превенција од целосен „блек аут“ и за обезбедување стабилна испорака на електрична енергија, особено со растечкото производство од обновливи извори.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, истакна дека дигитализацијата во енергетиката мора да оди паралелно со сајбер-безбедносни протоколи, а инвестициите во стручен и обучен кадар се „стожер на електроенергетскиот сектор“. Тој посочи дека веќе се предвидени трошоци за нови инженери кои ќе управуваат со системот и ќе ја имплементираат европската регулатива.

Балканското училиште за енергетика (БЕС) е основано пред три години од РКЕ заедно со регулаторите од Италија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Целта е едукација за најновите трендови во енергетиката за регулатори, оператори на преносни системи и други чинители во секторот.

INFO