Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дека диригентката Дијана Имери Илкоска била жртва на директна дискриминација во областа на работата и работните односи од страна на Александар Котевски, поранешен в.д. директор на НУ Филхармонија.
Случајот датира од почетокот на годинава, кога работниот однос на Илкоска не бил трансформиран од определено на неопределено време иако ги исполнувала условите. Само неколку дена подоцна, таа добила забрана за влез во институцијата, а нејзиниот уметнички профил бил избришан од официјалната веб-страница на Филхармонија.
Во своето мислење, КСЗД утврдила дека Котевски не дал оправдување за прекинот на постапката за трансформација на договорот, ниту за измената на ставот дека постои потреба од вработување на неопределено време. Дополнително, ограничувањето на влезот на Илкоска во институцијата било спроведено без легитимна цел, а бришењето на нејзиниот профил не може да се сведе на техничка грешка, бидејќи било направено токму по нејзината јавна реакција.
Комисијата заклучува дека преземените дејствија биле директно насочени кон Илкоска, ставајќи ја во понеповолна положба во однос на колегите, што претставува дискриминација согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.
КСЗД препорача Котевски во рок од 30 дена јавно да ѝ се извини на диригентката. Доколку не постапи по оваа препорака, Комисијата најавува барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.